,,Ништо не е случајно
сеќавање на Гого и Елена”
На доделувањето на наградите за најдобри спортисти во Битола, во еден ист момент, на исто место, на иста бина, се сретнаа три патишта што одамна се испреплетиле. Вања Атанасов, заедно со двајца свои поранешни клубски другари од клубот Вертикал, повторно стоеше таму каде што некогаш растеле соништата.
Вертикал не бил само клуб. Бил дом. Светилиште. Место за бегство и место за создавање. Таму се раѓале пријателства, таму се градел карактер, таму спортот бил љубов, а планината вера.

Таму Вања ги запознал Гого и Елена. Две светли души кои и денес зрачат низ спомените.
Елена, првата и најмладата македонска алпинистка која на само 16 години го искачи Мон Блан, највисокиот врв во Европа, беше пример дека возраста не ја мери храброста. Секогаш ведра, насмеана, тивко силна. Никогаш ништо не ѝ било тешко. Никогаш не се жалела. Нејзината добрина се претворала во енергија, а енергијата во сила. Планината ѝ била љубов, карпите предизвик, височините дом.

Гого, пак, бил дете со ненаситна љубопитност кон животот. Насмеан пред секој предизвик, а колку поголем предизвикот, толку поширока насмевката. Талентиран за сѐ што ќе допрел. Качување, ролери, точаци, троколки. Сакал сѐ да проба, сѐ да види, сѐ да почувствува. Страста му била движечка сила.

Понекогаш се чини дека најчистите и најсветлите души заминуваат прерано. Но и религијата и науката велат дека енергијата не исчезнува, таа само се преобразува. И кога Вања мисли на нив, чувствува како таа нивна енергија повторно оживува во него. Не само како спомен, туку како сила. Како поттик. Како физичка и духовна присутност.

Кога во 2024 година доби признание за особен придонес во спортот, знаеше дека тоа не е само негово. Неговата номинација за триатлон не дојде од пливачки, атлетски или велосипедски клуб, туку од планинарски клуб. Од заедничката љубов кон планината. Во истиот момент признание доби и клубот. Симболично, како потврда дека ништо не е случајно.
Во тој клуб им се сретнале патиштата. Иако помлади од него, Гого и Елена растеле заедно со него, а и тој со нив. Заедно ја делеле страста кон спортот, карпите, природата и животот.
Затоа Вања своето признание јавно го посвети на нив. На нивниот живот. На нивниот придонес во неговиот живот. Во спортот. Во качувањето. Во клубот што денес добива признание.

Со посебна благодарност до планинарскиот клуб Копанки и до Даниело Божиновски, кој без никаква најава го предложи за признанието. Благодарност и до неговите колеги адвокати кои несебично го поддржаа со свој потпис и печат. И благодарност до Сојузот на спортови на Битола за препознавањето на неговиот труд и за тоа што триатлонот го третира како спорт достоен за внимание.

Ова не е само приказна за признание. Ова е приказна за две душички кои физички не се меѓу нас, но духовно се присутни во секој чекор, во секое искачување, во секоја победа.
Да живее спортот.
Да живее Битола.
И да живее споменот за Елена и Гого.





