Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ ги информира сите учесници дека временските услови за претстојниот марш „Димитар Илиевски – Мурато“, кој ќе се одржи на 9 мај на Пелистер, се неповолни и бараат максимална внимателност и дисциплина од сите присутни.

Според најавите, за време на маршот се очекуваат дожд, снег и грмежи во поголемиот дел од денот, а од месноста Втора Река па се до врвот Пелистер, патеката е покриена со снег.
Од ПСК Пелистер апелираат сите учесници да се движат исклучиво по предвидената маршрута Широка – Ловечка и строго да ги почитуваат правилата за безбедно планинарење во зимски услови. Организаторот нема да сноси одговорност за движење по останатите патеки кои водат кон врвот.
Воедно, организаторот го задржува правото за прекин на маршот доколку временските услови дополнително се влошат, како и исклучување на учесници кои нема да ги почитуваат правилата за безбедност.
Од клубот упатуваат сериозен апел до сите љубители на планината да не ја потценуваат моменталната состојба на теренот и да не преземаат непотребни ризици.
