Боксерите од клубот предводен од тренерот Јове Петровски-Оцо остварија значаен успех на меѓународната сцена, освојувајќи вкупно три европски и три балкански медали, со што уште еднаш го потврдија квалитетот на македонскиот бокс.

Успесите се резултат на настапите на повеќе шампионати под капата на европските и балканските боксерски федерации, каде македонските претставници се истакнаа со сигурни борби и високо ниво на подготвеност.

На Европското првенство за млади сениори (У-23) што се одржа во Ереван, Ерменија,

Ален Рустемовски го освои сребрениот медал, додека Адријан Рустемовски се закити со бронза.

Дополнителен европски медал беше освоен и на Европското јуниорско првенство на ЕУБЦ во Нови Пазар, Србија, каде Арабел Рустемовски го освои бронзениот медал.

На Балканското првенство во Јахорина (Пале), Босна и Херцеговина, македонските боксери повторно се искачија на пиедесталот.

Ален Рустемовски го освои златниот медал, додека Адријан Рустемовски и Арабел Рустемовски се закитија со сребрени одличја.

Покрај официјалните шампионати, боксерите бележат и забележителни резултати на меѓународни турнири. На турнирот „Златен гонг“ во Скопје, Ален Рустемовски беше прогласен за освојувач на „Златниот гонг“, додека Адријан Рустемовски ја доби наградата за најдобар македонски боксер.

Остварените резултати се потврда за континуираниот и посветен тренерски труд на Јове Петровски-Оцо, како и за системската работа со младите боксери, кои со своите настапи успешно ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.