Божидар Пецаковски: „Бодибилдингот е маратон, а не спринт – најдоброто допрва доаѓа“

од May 19, 2026 0 коментари

Битола отсекогаш била град на спортот, а меѓу оние што со години тивко, посветено и дисциплинирано го градат своето име е и бодибилдерот Божидар Пецаковски. Познат по својата огромна посветеност, работа со клиенти, online coaching и љубовта кон спортот, Божидар важи за еден од најпосветените фитнес ентузијасти во градот.

Во разговор за Бабам Битола, Пецаковски отворено зборува за своите почетоци, дисциплината, поддршката од блиските, бодибилдинг сцената во Битола и човекот што, како што самиот вели, отсекогаш бил покрај него – Пеце Hardcore.

Кога започна Вашата љубов кон бодибилдингот и што беше пресудно да тргнете по овој пат?

Почнав да вежбам на 14 години. Искрено, не дека јас го избрав бодибилдингот како спорт – тој ме избра мене. Ми требаше нешто што ќе ми даде структура во денот и на кое ќе можам целосно да се посветам, нешто во кое постојано ќе се подобрувам.

Со текот на времето го засакав самиот процес, особено тренингот. Откако навлегов подлабоко, преку едукација и практична примена, до ден-денес не сум застанал. Секој ден учам нешто ново.

Тоа што нема крај, што секогаш можеш да бидеш подобар и постојано да правиш прогрес – токму тоа најмногу ме привлече.

Колку дисциплина, одрекувања и посветеност бара овој спорт, особено на професионално ниво?

Сѐ уште не сум професионалец, барем не официјално.

За мене ова не се одрекувања, туку дисциплина и рутина. Кога десет години го правиш истото, телото веќе знае што треба да се прави. Оброците, тренингот, одморот – сѐ станува природен процес.

Не се трудиш повеќе да бидеш дисциплиниран – едноставно живееш така.

Кој Ви бил најголем предизвик во кариерата, а на кој успех сте најгорд?

Немам некој конкретен успех што би го издвоил. За мене успех е тоа што никогаш не престанав да учам и да се подобрувам.

Моментално сум на повисоко ниво, но сметам дека најдоброто допрва доаѓа. Сѐ уште се гледам како почетник кој има многу простор за напредок.

Како изгледа еден Ваш типичен ден кога сте во подготовки?

Во бодибилдингот речиси и нема „off“ период. Ова е спорт што се живее 24/7, 365 дена во годината.

Првиот дел од денот ми е посветен на мојата ќерка.

Потоа следуваат подготовка на пет оброци, тренинг, работа со клиенти и online coaching, менаџирање на фитнес центарот, едукација, време со фамилијата, но и време за себе – најчесто пешачење или престој во природа.

Денес многу млади сакаат брзи резултати. Што би им порачале?

Бодибилдингот е маратон, а не спринт.

Потребно е време да се осознае сопствениот потенцијал. Најважно е да се засака процесот, особено тренингот. Ако некој не сака да тренира, тешко може да очекува успех.

Колку е важна психичката сила покрај физичката подготвеност?

Психичката сила е пресудна. Колку дискомфорт може телото да издржи без да се откаже, покажува колку е ментално силен еден атлета.

Талентот е важен, но психичката подготвеност е втората најважна карактеристика што го дели обичниот од врвниот бодибилдер.

Дали чувствувате поддршка од Битола и луѓето околу Вас?

Апсолутно. Никој не успева сам.

Првата шанса да бидам препознаен ја добив од Пеце Hardcore и Боро Борче, кога почнав да работам во нивната теретана, за што сум бескрајно благодарен.

Боро ми помогна во подготовките во 2018 година, кога го постигнавме првиот позначаен успех.

Поддршка добив и од Паљото, од Оливер Гиновски, браќата Мано и уште многу луѓе што беа тука кога најмногу требаше.

За Пеце Hardcore можам да кажам дека не е само соработник, туку вистински пријател – човек со кого можам да се советувам за бодибилдинг, суплементација, но и за живот и бизнис.

Колку значи поддршката од Hardcore суплементи?

Hardcore е најдобрата продавница за суплементи во Македонија и треба да сме горди што потекнува од Битола.

Не познавам човек што помага повеќе на спортисти од Пеце Hardcore. Тоа го прави од срце.

Поддршката што ја добиваме ние како атлети има огромно значење, а квалитетната суплементација е важен дел од секој прогрес.

Кои се Вашите следни цели?

Подобар Божидар Пецаковски на секое поле.

Порака до битолчани и до сите што Ве следат?

„Да веруваат дека убави работи се случуваат доколку работиме на своите цели.“

Babam Bitola

Comments are closed.