Фудбалот, денес најпопуларниот спорт во светот, започнал да се развива во Англија. На 24 октомври 1857 година во градот Шефилд бил основан првиот фудбалски клуб во светот, а неколку години подоцна, во 1863 година, бил основан и Фудбалскиот сојуз на Англија. Оттаму оваа нова и возбудлива игра постепено се проширила низ Европа и стигнала и на Балканот.

Во Македонија, првите фудбалски чекори се поврзуваат токму со Битола. Според историските записи, првиот фудбалски натпревар на овие простори се одиграл во Битола кон крајот на мај 1911 година, во чест на султанот Решат V. Иницијативата дошла од англискиот конзул Грег, кој заедно со дипломатскиот кор во градот формирал фудбалска екипа што требало да ги одмери силите со учениците – питомци на Воената академија во Битола.

ФК Младина, 1920 г. Извор Битолски Весник 1998 г. Стојат:

Лака

Јани Ајтанасоски

Ѓофта

Михајло Спасевски – Темелко

Непознат

Никола Димитровски Николче на Ѓаконицата

Седат:

Пандо Пашата – Бочварот

Кендру Слаткарот

Непознат

Кочо Гина

Томе Димитровски – Косо

За натпреварот од Лондон била донесена вистинска фудбалска топка, а српскиот конзул ги обезбедил правилата на тогаш новата игра, позната како „топка со нога“. Екипите се подготвувале околу десет дена, а на крајот победа од 2:0 остварила екипата составена од конзулите.

По завршувањето на Првата светска војна, интересот за фудбалот во Битола уште повеќе се зголемил. Во 1918 година група млади битолчани кои се школувале во Франција и Англија донеле фудбалска топка и ја демонстрирале играта на Ширината, покрај реката Курделес. Наскоро новата игра станала вистинска сензација меѓу битолчани.

Во тој период била формирана и првата екипа која најпрво го носела името ФК „Обилиќ“, но подоцна тоа име било заменето со ФК „Младина“. Натпреварите се играле на теренот познат како Тепсија или Чаир, на местото каде денес се наоѓа Соколаната.

Од почетоците на 1920-тите години потекнува и една ретка фотографија на фудбалерите на ФК „Младина“, која сведочи за раните денови на организираниот фудбал во Битола и за генерацијата млади спортисти што ја започнале фудбалската традиција во градот.

Така, уште пред повеќе од еден век, Битола станала едно од местата каде фудбалот ги направил своите први чекори на овие простори – традиција што продолжува да живее и денес преку бројните клубови, играчи и љубители на овој спорт во градот под Пелистер.

Д.Д. Такец, Битолски весник 1998 г. Голема благодарност до Јован Наумовски Кечеџи