Денеска, со прес-конференција пред претставниците на медиумите, ЈОУ Културно-информативен центар – Битола официјално го најави свеченото отворање на 18. издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ 2026“, кое и оваа година ќе понуди богата и разновидна културна програма за битолчани и посетителите на градот.

Свеченото отворање е закажано за 19 јуни, кога битолската публика ќе има можност прва надвор од Скопје да го проследи популарниот мјузикл „Као какао“. Станува збор за продукциски проект кој обедини врвни автори и уметници од областа на драмската уметност, музиката и продукцијата, како и поддршка од општествено одговорни компании. На сцената ќе настапат околу педесет учесници.

На денешната прес-конференција за мјузиклот говореа истакнати имиња од македонската културна сцена – музичарот Влатко Стефановски, режисерот Дејан Пројковски, младите актери Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ, како и продуцентот Владимир Мандичевски од „Баги Комуникации“.

Директорот на ЈОУ КИЦ – Битола во своето обраќање истакна дека годинашното издание носи квалитетна и внимателно селектирана програма, потенцирајќи дека за првпат од своето постоење БИТ ФЕСТ институционално се реализира во рамките на Културно-информативниот центар – Битола, што претставува значаен чекор во неговиот понатамошен развој и унапредување.

Информации за продажбата и дистрибуцијата на влезниците ќе бидат објавени дополнително. Битола и ова лето ќе биде домаќин на бројни културни настани, потврдувајќи го својот статус на еден од најзначајните културни центри во државата.




