Лидија е поблизу до норма во слалом, но нејзината омилена дисциплина е велеслалом, па во следните неколку трки во регионов ќе се обиде во двете дисциплини.
Лидија Симјановска (17) е македонска алпска скијачка која следниве неколку денови ќе има тешка задача пред себе. Таа ќе се обиде да оствари олимписка Б-норма, која би и гарантирала вајлд-карта за настап на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја, што се одржуваат од 9 до 25 февруари.
Симјановска е битолчанка која би можела да стане учесничка на Зимски олимписки игри многу години по нејзината сограѓанка Весна Дунимаглоска, која беше првата Македонка која настапила на ЗОИ 1992 во Албервил, Франција. Тоа нема да биде лесно за Симјановска, но не е и невозможно. Во секој случај вреди да се обиде. Пред неа се веројатно осум трки во кои може да се надева на резултат за вајлд-карта. Секако, ако извози за добар резултат.
На 9-10 јануари алпската репрезентација на Македонија ќе настапи на Пампорово, Бугарија, каде има закажано трки во слалом и велеслалом. Потоа во Боровец во Бугарија има уште уште два слалома. По овие настапи на програмата на репрезентацијата се уште два слалома, овојпат на Сљеме, Хрватска. Потоа има слаломска трка на Пале, БиХ, каде ќе се скија и велеслалом. Последните две трки во слалом на кои македонските скијачи планираат да настапат, се на Јахорина. Последниот рок за постигнување олимписка норма е 21 јануари.
„Во следните неколку трки да имам шанса и се надевам ќе направам резултат потребен за олимписките норми. Треба да имам резултат што би ми донел 140 ФИС-точки за да одам (140 ФИС точки или помалку. Во алпското скијање што помалку ФИС точки, толку подобар е резултатот). Моментно до ваков резултат сум поблизу во дисциплината слалом, но повеќе се надевам на велеслалом. Но, ќе видиме. Се надевам и на двете дисциплини“, вели Симјановска, која верува дека ќе ги следи стапките на Дунимаглоска.
„Ја познавам Дунимаглоска и мислам дека можам да ги следам нејзините стапки. Инаку, професионално се занимавам со скијање две години, но скијам веќе 13 години. Мојата омилена дисциплина е велеслалом“, вели Симјановска, чиј идол во алпското скијање е Швајцарката Лара Гут, специјалистка за супер-џи и носителка на Големиот кристален глобус и на вкупната титула во супервелеслалом во 2016 година.
Симјановска моментно е посветена само на скијањето, но претходно се занимавала и со други спортови.
„Моментно сум посветена на скијањето, но порано се занимавав со кошарка (четири години), и бев успешна во тоа“, вели Лидија која, откако ќе заврши средно образование во Битола, планира да студира инжинерство во Скопје, а да специјализира во странство.
Инаку што се однесува до нашите други кандидати за претставници на претстојните ЗОИ, алпинецот Антонио Ристовски има реални шанси да постигне А-норма, а ако не успее да го стори тоа најверојатно наш претставник во Пјонгчанг ќе биде Лука Божиновски, кој има Б-норма. Од нордијците Ставре Јада е речиси сигурен учесник со А норма, иако ваква норма има и Дарко Дамјановски. Нордијката Викторија Тодоровска има Б-норма што значи ќе настапи на ЗОИ со вајлд-карта.
Извор Спорт.ком.мк