На седмото по ред издание на настанот “Жени претприемачки”, во чиј склоп се доделија наградите за “Жена на годината 2024” (www.zenanagodinata.mk) во вкупно 10 категории, нашата битолчанка Маја Андоновска Илијевски директорка на НУ Центар за Култура Битола според гласовите на публиката и жири комисијата е победничка во категоријата „Жена со најголеми достигнувања во културата“, во конкуренција на уште 4 други дами кои се најдоа во финалниот избор.

Претприемачки благодарам од срце.За мене претставува огромна чест ова признание, кое претставува не само награда, туку и поттик и обврска да продолжам да ја негувам и промовирам културата и уметноста.

Оваа награда ја гледам како резултат на голема љубов, долгогодишен труд, инспирација и мотивација кон она што го работам. Но, исто така, ја доживувам и како плод на поддршката што ја добивав од моите најблиски, колеги, соработници,пријатели и од сите оние кои веруваа но и не веруваа во мене и во мојата визија. Без сите нив, ова уметничко патување не би било исто.

Културата и уметноста се основата на едно општество. За мене, да се биде дел од тој процес е привилегија, но и одговорност. Со оваа награда, таа одговорност станува уште поголема, бидејќи ме потсетува дека уметноста има моќ да остава трајни белези и да го менува општеството на подобро.

Ова признание го посветувам на мојот тим, моето семејство, на уметниците со кои ги вкрстивме патиштата изминатите години, публиката која ја доживува уметноста и на идните генерации кои ќе продолжат да ја градат културата со своите идеи и креативност. Ова е признание за мојата Битола.

Сакам да изразам искрена благодарност до организаторите на овој прекрасен и инспиративен настан, на сите кои ме номинираа и на жирито кои ме изгласа ,а верувајте во иста категорија бев со уште 5 исклучителни жени на кои им симнувам капа и им се дивам како жена уметник.Благодарам на оваа награда, препознавањето на трудот и за создавањето можности за уметниците да бидат видени и ценети.

На крајот, дозволете ми да ја споделам оваа радост со сите вас и да ве поттикнам – продолжете да ја поддржувате културата и уметноста, бидејќи таа е душата на секој народ.

Ви благодарам од срце!…се заблагодари Маја на нејзиниот фејсбук профил.