Битола доби уште една шампионка. Битолчанката Стефанија Алексовска од Пелистер ПИН е новата македонска поединечна шампионка во куглање за 2026 година, откако со сигурни и доминантни настапи ги совлада сите противнички , од осминафинале, четвртфинале и полуфинале, до големото финале.

Зад овој успех стои континуитет. За Алексовска, ова е само уште една потврда на формата и посветеноста во изминатите пет години, период во кој таа изгради стабилно име и на домашната, но и на меѓународната сцена.
Како што истакнува нејзиниот тренер Игор Михајловски успехот не е случаен:
„Дали успехот доаѓа случајно, сигурно дека не. Дали бара многу работа, стручност и жртва, сигурно дека да. Вложувањата се перманентни, со години, за ова денес да е остварливо.“
Токму таа долгорочна работа денес носи резултати. Стефанија, заедно со уште неколку млади македонски репрезентативци, ќе ја претставува државата на Светското и Европското првенство во куглање, кои кон крајот на мај ќе се одржат во Австрија.

Во младинските категории U19 и U23, Македонија ќе настапи со амбиции што одамна не се кријат, не само достоинствен настап, туку и борба за медал.
„Предизвици има многу, но имаме квалитет“, вели Михајловски, додавајќи дека ваков резултат е негов долгогодишен сон како селектор и тренер.
Овој успех повторно ја отвора и темата за вреднувањето на помалку експонираните спортови. Битола има услови, има куглана и има таленти како Алексовска, но за ваквите приказни да станат правило, потребна е и поголема поддршка.
Затоа што зад секоја титула како оваа не стои само победа, туку години работа, верба и љубов кон спортот. А Стефанија Алексовска токму тоа го претвора во резултат што ја радува цела Битола.
