2025 година ќе остане запаметена како година на најголемиот досегашен успех во кариерата на нашата млада битолчанка Ева Дамјановска, која е единствената активна мотокрос девојка во Македонија. Со освоеното трето место во генералниот пласман во класата МХ85, Ева се искачи на подиумот и испиша важна страница во македонскиот мотоспорт.

Нејзиниот успех е резултат на постепен, но сигурен напредок, воден од труд, дисциплина и искрена љубов кон мотокросот. Чекор по чекор, сезоната по сезона, Ева го гради својот пат кон поголеми достигнувања, покажувајќи дека упорноста и вербата во себе носат резултати.

„Полека, со труд, желба и љубов кон овој спорт, патот кон поголеми успеси оди level up“, порачува младата битолчанка, која упати и благодарност до сите што постојано ѝ даваат поддршка и веруваат во неа.

Успехот на Ева Дамјановска е повеќе од спортски резултат, тој е инспирација и силна порака дека мотокросот во Битола има иднина, а девојките имаат свое заслужено место на стартната рампа и на подиумот.





