Подготовките за натпреварите ѝ одземаат околу шест месеци активно работење, но Валентина Соколовска вежба постојано, без пауза – зима и лето, со години наназад. Последните девет недели се клучни во нејзиниот процес, со строго следење на режим на исхрана и специјални тренинзи, насочени кон постигнување врвна натпреварувачка форма.

На Државниот натпревар „Атлетика на Македонија 2025“, Валентина освои прво место во категоријата Body Fitness, а само ден подоцна, на меѓународниот натпревар IFBB Diamond Cup, каде учествуваа натпреварувачи од целиот свет, се закити со трето место во истата категорија.

Иако има 50 години, тоа не ѝ беше пречка – напротив, беше предизвик да покаже дека возраста е само број. Со максимална дефиниција, дисциплина и контрола на телото, Соколовска го демонстрира вистинскиот дух на спортот – комбинација од труд, посветеност и љубов кон она што го прави.

Нејзината порака до сите што се занимаваат со бодибилдинг и фитнес е јасна:
„Поставете цел, натпреварувајте се пред сè со себе и никогаш не се откажувајте!“





