​Битолчаните се џентлмени кои го почитуваат бонтонот, беспрекорно дотерани, со посебен стил на облекување. Битола со векови наназад важи за град каде што бркањето на модата, дали по Ала Турка или Ала Франга е многу важна работа.

Битолскиот Широк Сокак отсекогаш е вистинска модна писта, каде што битолчани наконтени дефилираат од сабајле до доцните вечерни часови. Во Битола бадијала ти е секое ново парче облека ако со него не прошеташ низ главната битолска улица.

Битолските галантони господа секогаш биле дотерани, дуздисани, испеглани и чисти, избричани или уредени во брадите, во големи друштва, насмејани. 

По нивната прошетка и пиење кафе знаеле и по некоја чашка ракија да “фрлат”. Послем цел ден поминат во друштво, кафина и меани ќе се натовареле на пајтони со музичари и право кон некое пенџере од убава битолчанка за да и пеат серенади до доцна. Ако ја запалела ламбата тоа значело дека ја бендиса песната.Весели и радосни заедно се разотидувале по дома. Познат е случајот кога гинималец го испраќал својот другар баирчанец, па обратно и така се испраќале дури да завршат заедно на чкембе-чорба покрај Драгорот.Така било тоа некогаш.

Фотографии испратени од Бранко Блажевски на кој му се заблагодаруваме…