Викенд-прошетките на битолчани по охридскиот кеј добија нова, неочекувана „димензија“. Освен стандардните подготовки, кафе, очила за сонце и добра дружба, сѐ почесто на шега се споменува и… осигурување од параглајдери.

По зголемениот број на параглајдери над езерото, кои создаваат атрактивна глетка за туристите, меѓу посетителите почнаа да кружат и хумористични коментари дека „никогаш не знаеш што може да слета покрај тебе“.
„До вчера гледавме да не ни падне сладоледот, сега гледаме да не ни падне параглајдер“, велат низ смеа битолчани кои викендов го поминаа на кејот.
Во духот на битолскиот хумор, веќе се „нудат“ и измислени пакети за осигурување, прошетка по кеј со покритие од „летечки изненадувања“, што дополнително ја разигрува атмосферата на социјалните мрежи.
Иако станува збор за шега, факт е дека параглајдерите се сѐ почест украс на охридското небо, привлекувајќи внимание и восхит кај туристите. За многумина, токму оваа комбинација од езеро, планина и адреналински спортови го прави Охрид уште поатрактивен.
На крајот, пораката останува иста, уживај во погледот, ама фрли едно око и кон небото. Во Охрид, никогаш не знаеш од каде ќе дојде следната атракција.
