Битолчани се присетуваат: Интернет кафулињата како симбол на едно време

од April 3, 2026 0 коментари

БИТОЛА – Пред ерата на социјалните мрежи и паметните телефони, интернет кафулињата претставуваа важен дел од секојдневието на младите во Битола. Тие не беа само места за пристап до интернет, туку и центри на дружење, забава и прв контакт со дигиталниот свет.

Во споделените сеќавања на граѓаните, повторно оживуваат имиња и локации кои за мирцање ја одбележаа оваа ера.

Меѓу најчесто споменуваните се „Blue Zone“ кај Бела Чешма, „PC Station“ во близина на болницата, како и „PC Zone“, „Madera“, „Element“ и „On Line“. Се спомнуваат и други локали како „Blizzard“, „Internet caffe VIRUS“, како и помали интернет клубови распоредени низ различни делови од градот.

Дел од граѓаните се сеќаваат и на „Мрежа“, едно од првите интернет места во Битола, лоцирано во близина на дискотеката „Свинг“, како и на „LEO“ кај градската библиотека и „Mouse“, на локацијата на денешен локал за дизајн.

Интернет пристап имало и во населбите Пелагонка 1 и 2, каде што, според сведочењата, постоеле помали клубови, често без официјални имиња, но добро познати меѓу младите. „Кај Павле ќе одиме“ била фраза што за многумина означувала токму такво место.

Слични објекти постоеле и во близина на студентскиот дом, техничките училишта, како и во централното градско подрачје, вклучително и простории во подруми и деловни објекти.

Во тие простори, младите минувале часови играјќи компјутерски игри како „Quake“, „Half-Life“, „Red Alert“ и „StarCraft“, но и комуницирајќи преку IRC канали – тогаш популарна форма на онлајн комуникација.

Цената за користење на компјутер најчесто изнесувала околу 10 денари за час, а дел од локалите нуделе и купони за дополнително време.

Иако технолошките услови биле ограничени во споредба со денешните стандарди, за многумина тоа било период на интензивна социјализација и создавање трајни пријателства.

„Тешки времиња – упорна младина“, гласи еден од коментарите што најдобро ја сумира атмосферата од тој период.

Денес, кога интернетот е лесно достапен преку мобилни уреди, интернет кафулињата остануваат дел од колективната меморија на градот – како симбол на едно поинакво време, кога технологијата пред сè значеше заедништво.

Babam Bitola

Comments are closed.