Битолчани повторно се дел од значајна културна приказна надвор од границите на Македонија. Актерката м-р Јулијана Мирчевска, претседателка на Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ Македонија и раководителка на театарската школа „Бабец“, која оваа година одбележува 12 години постоење, заедно со Васко Мавровски, директор на НУ Народен театар Битола, беа на официјален прием кај македонскиот амбасадор во Норвешка, д-р Дритон Куќи, во Осло.

Средбата била посветена на подготовките за театарската претстава „Зборови“, која ќе се одигра на 15 мај 2026 година во театарската сала Folkets Hus Strømmen во Осло. Настанот има и посебна симболика, бидејќи е посветен на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Во рамки на средбата, директорот на Битолскиот театар, Васко Мавровски, на амбасадорот му ја подарил и монографијата посветена на 80 години постоење на Народен театар Битола – значајно дело што сведочи за богатата театарска традиција на градот.

Проектот е организиран од Македонското училиште за изучување на македонски јазик, религија, култура и традиции во Осло, а во него учествуваат ученици, родители и наставници од македонската заедница во Норвешка.
Амбасадорот д-р Дритон Куќи упатил отворена покана за поддршка и масовна посетеност на настанот, кој преку театарот и уметноста ја промовира македонската култура и македонскиот јазик пред иселениците и пошироката публика.

Оваа средба претставува уште еден чекор кон зацврстување на културната соработка меѓу Македонија и Норвешка, а воедно и гордост за Битола, чии културни работници достојно ја претставуваат македонската театарска сцена во светот.
