Член од ПСК Пелистер Јоце Смилевски и нашата сограѓанка Наташа Грамосли успешно го искачија врвот Гранд Парадизо (Gran Paradiso – 4.061 метри надморска височина) – еден од најпознатите и најдостапни четириилјадници во Алпите. Искачувањето беше реализирано заедно со група планинари од Македонија, како дел од организирана експедиција.

Врвот се наоѓа во срцето на Националниот парк Гранд Парадизо (Parco Nazionale del Gran Paradiso) – првиот и најстар национален парк во Италија, основан во 1922 година. Планинарите имаа привилегија да поминат низ заштитен предел со исклучителна природна убавина, богата флора и фауна и со спектакуларни глетки кон некои од највеличествените алпски врвови, меѓу кои и Мон Блан и Матерхорн.

Овој подвиг претставува уште едно признание за силната планинарска традиција кај нас и инспирација за сите љубители на планините.

Им честитаме на Јоце и Наташа за успешно реализираното искачување и достојното претставување на Битола и Македонија на еден од врвовите на Европа.