Битолчаните Елеонора Димковска и Маријан Тасевски успешно го комплетираа велосипедскиот бревет од 600 километри, кој се одржа на 18 и 19 јули, совладувајќи ја целата рута за 31 час и 10 минути.

На настанот учествуваа десет велосипедисти од Македонија, кои возеа по однапред дефинирана рута, при што секој учесник самостојно го одредуваше своето темпо. Бреветот не е натпреварувачка трка, туку предизвик во издржливост, ориентација и физичка и психичка подготвеност.

Стартот беше во 6 часот наутро од Зоолошката градина во Скопје, а рутата водеше низ Скопје – Тетово – Гостивар – Маврово – Дебар – Охрид – Битола – Демир Хисар – Прилеп – Неготино – Штип – Свети Николе – Скопје.

Со успешно завршување на оваа исклучително тешка велосипедска тура, Димковска и Тасевски уште еднаш покажаа дека Битола има спортисти подготвени да се соочат со најголемите предизвици во велосипедизмот на долги патеки.

