Битолскиот гинеколог Синиша Трпчевски го заокружи својот шестмесечен престој во реномираната универзитетска болница АКХ Виена со значаен професионален успех, реализирајќи вкупно 100 хируршки интервенции во областа на гинеколошката онкологија и сенологијата.

Во текот на престојот, Трпчевски бил активно вклучен во изведување сложени операции, со посебен фокус на третман на оваријален карцином, роботска хирургија и хирургија на дојка. Овој импозантен резултат претставува потврда за неговата стручност, посветеност и континуирана едукација во најсовремените медицински методи.
„Со гордост споделувам дека во овој период лично извршив 100 хируршки интервенции. Ми беше чест да бидам дел од тимот на онколошкиот и сенолошкиот оддел, предводен од врвни експерти“, истакнува Трпчевски, додавајќи дека стекнатото искуство ќе го примени во својата понатамошна работа.
Тој работел под менторство на истакнати професори и специјалисти, што дополнително го збогатило неговото професионално портфолио и му овозможило директен пристап до најновите трендови во европската медицина.
Посебна емоција на овој успех му дава и поддршката од неговото семејство. Неговиот татко, Таше Трпчевски нашиот препознатлив битолски бренд Болница Плодност , со гордост ја сподели радоста за постигнувањата на својот син, истакнувајќи дека ова е чекор поблиску до врвот на светската медицина.
„Горд сум, но најмногу би сакал ова знаење да го донесе дома, кај нас, за нашите пациентки“, порачува таткото.
Успехот на Синиша Трпковски претставува значаен пример за македонските медицински кадри кои се усовршуваат во странство, со надеж дека стекнатото знаење и искуство ќе придонесат за унапредување на здравствениот систем во земјата.
