Битолчанецот Синиша Кочоски со нови подиуми на европската мотоциклистичка сцена

од June 18, 2026 0 коментари

Битолскиот мотоциклист Синиша Кочоски имаше успешен настап на втората рунда од Alpe Adria Championship, во рамките на која се бодуваа и BMU European Road Racing Championship и FIM Europe Road Racing Championship.

Во саботните трки Кочоски освои трето место во класата STK1000 во генералниот пласман на Alpe Adria Championship, што претставува значаен успех за македонскиот мотоциклизам. Дополнително, тој стигна до првото место во STK1000 во рамките на BMU Championship, трето место во SBK категоријата и второ место во FIM Europe Championship.

Неделата донесе уште поголем предизвик поради непредвидливите временски услови и неизвесноста пред стартот на трката. Сепак, битолчанецот успеа да остане фокусиран и да извлече максимум од настапот, освојувајќи прво место во BMU Championship, второ место во SBK и трето место во FIM Europe Championship.

Според Кочоски, во текот на викендот биле направени неколку важни технички промени на моторот, кои му ја вратиле самодовербата и му овозможиле повторно целосно да ужива во возењето.

„Голема благодарност до мојот тим, спонзорите, семејството и сите што ме поддржуваат и веруваат во мене“, порача Кочоски по завршувањето на натпреварувачкиот викенд.

Следниот предизвик за битолскиот мотоциклист ќе биде легендарната патека Automotodrom Brno во Чешка, каде ќе се обиде да ја продолжи успешната серија резултати.

Babam Bitola

Comments are closed.