БИТОЛЧАНЕЦОТ ПЕТАР КРСТЕВСКИ ЗАПОЧНА СО ПОЛНЕЊЕ НА МРЕЖИТЕ ВО АВСТРИЈА!

од • September 6, 2026 • 0 коментари

Младиот битолчанец Петар Крстевски продолжува успешно да го гради својот фудбалски пат во Австрија. За него и претходно пишувавме на „Бабам Битола“, а сега повторно имаме убава причина да го споменеме – Крстевски започна со погодоци во новата сезона.

Во натпреварот од четвртото коло на австриската Oberliga Nord, одигран на 5 септември, KSV Amateure – вториот тим на Kapfenberger SV – славеше со 2:0 против SC St. Peter-Freienstein.

Крстевски влезе во игра во второто полувреме и му беа потребни само неколку минути за да остави свој печат. Во 60. минута погоди за 2:0, практично ставајќи точка на натпреварот. Успехот е уште позначаен ако се знае дека Капфенберг подолг период играше со фудбалер помалку поради жолто-црвен картон. Австриските медиуми токму голот на Крстевски го издвојуваат како момент со кој домаќините ја потврдиле победата.

18-годишниот Крстевски, роден на 3 март 2008 година, веќе подолго време е дел од системот на Капфенберг, а минатата сезона настапуваше и за нивниот тим до 18 години. Во април токму негов погодок донесе победа од 1:0 против врсниците од GAK. Тој има и настапи за младинските селекции на Македонија.

Сега Петар добива минути и во сениорскиот фудбал со KSV Amateure, а првиот погодок во новата сезона е одлична најава за она што следува.

Од Битола до австриските терени – Петар, само продолжи да ги полниш мрежите!

Следниот натпревар на KSV Amateure е на 12 септември на гостувањето кај FC Judenburg.

Babam Bitola

Comments are closed.