Една случајна вечерна приказна со синот го врати битолчанецот Перица Поповски шест децении наназад – во времето кога како млад човек ги направил своите први чекори во воздухопловството.

Токму оваа 2026 година за Поповски претставува голем личен јубилеј – 60 години од неговиот прв лет и обуката со едрилица „Летов 22“.
Своите почетоци ги поврзува со наставниците Владо Трајковиќ, Бранко Саздовски – Кипе и Ѓорѓи Тосков – Жоро, додека, како што самиот се присетува, обуката за едрење ја добил од Борис Паспаловски.

Старите црно-бели фотографии, едрилиците и сочуваната диплома денес се вредни сведоштва за едно друго време – време кога воздухопловството и едриличарството привлекувале млади ентузијасти кои своите соништа ги остварувале високо над земјата.
По цели шест децении, спомените не избледуваат. Напротив, една обична семејна вечер била доволна повторно да оживеат првите полетувања, инструкторите, другарствата и возбудата од погледот кон светот од височина.

Шеесет години од првите моменти во воздухот на битолчанецот Перица Поповски – личен јубилеј, но и убаво сведоштво за една генерација битолски вљубеници во летањето.
