Битолчанецот Николче Сикијовски ја промовираше книгата „Epsom Story“ во Офицерскиот дом

од June 1, 2026 0 коментари

Изминатиот викенд во Офицерскиот дом во Битола се одржа промоцијата на романот „Epsom Story“, прво книжевно дело на нашиот сограѓанин Николче Сикијовски.

Роден во Битола во 1982 година, Сикијовски веќе осум години живее и работи во Германија, во градот Пфорцхајм (Pforzheim), во покраината Баден-Виртемберг (Baden-Württemberg). Љубовта кон културата и уметноста ја негува уште од најрана возраст. На многумина им е познат како талентиран сликар, кој целиот свој живот активно се занимава со ликовна уметност, а негова омилена техника е масло на платно.

Николче е член на две уметнички здруженија во Германија, како и на здружението на писатели „Просвета“ во Германија.

Неговиот роман „Epsom Story“ е напишан исклучиво на англиски јазик и обработува теми поврзани со љубовта, вистината, судбината и животните избори. Делото претставува интересен спој на емоции, мистерија и човечки вредности, наменет за поширока меѓународна читателска публика.

За јазичната обработка, лектурата и уредувањето на книгата се погрижи познатиот битолски новинар, публицист и автор Игор Трајковски, Фоја, кој воедно е наведен и како главен уредник на изданието.

Промоцијата во Офицерскиот дом привлече љубители на литературата, пријатели и поддржувачи на авторот, кои имаа можност одблизу да се запознаат со неговото прво книжевно остварување.

Книгата „Epsom Story“ е достапна во книжарницата Book House во Битола.

Со своето деби во книжевноста, Николче Сикијовски уште еднаш покажува дека уметноста нема граници и дека битолскиот творечки дух успешно се афирмира и надвор од Македонија.

Babam Bitola

Comments are closed.