Нашиот битолчанец Игор Петковски, како дел од тимот на DPD „Архангел“, изминатите два дена беше на линијата на огнот меѓу селата Буринец, Селце и Локов, во пределот на Малесија над Струга, во близина на дебарскиот регион.

Среде борбата со огнената стихија, покрај самиот пат забележал споменик за кој дотогаш не знаел дека го означува местото каде што животите ги загубиле двајцата големи битолски борци за слобода – д-р Трифун Пановски и Коле Канински.
И покрај тешката задача на терен, Игор и неговите колеги одвоиле време да му оддадат почит на споменот. Со пумпата што ја користеле на терен го измиле споменикот и го исчистиле просторот околу него.

Мал, но достоинствен гест кон луѓето кои своите животи ги положиле за слободата на Македонија.
Нека е вечен споменот на д-р Трифун Пановски, Коле Канински и на сите кои загинаа за слободата на Македонија.
