Битолчанецот Елвис Тодоровски стана амбасадор и инструктор на GPN во Хрватска

од • September 18, 2026 • 0 коментари

Уште еден битолчанец ја гради својата успешна приказна надвор од Македонија. Елвис Тодоровски, пица-мајстор кој живее и работи во Велика Горица, Хрватска, стана амбасадор и инструктор на Gruppo La Piccola Napoli (GPN) за Велика Горица и Хрватска.

Тодоровски веќе има сериозни резултати зад себе. Во март годинава на Caputo Pizza Cup во Загреб го освои првото место во категоријата Pizza Classica, во конкуренција на мајстори од повеќе земји, со што обезбеди настап на светската сцена во Неапол.

На Светското првенство во Неапол, според неговата објава, го освоил 23. место во светот во својата категорија, а бил и дел од тимот на GPN кој учествувал во соборување Гинисов рекорд. Хрватските медиуми исто така известуваа за неговиот настап во Неапол и учеството во рекордот.

Неговата нова улога не е само признание, туку и можност своето знаење да го пренесува на други – од подготовка на тестото и избор на состојките, до техниките на печење и професионалната работа на еден pizzaiolo.

Официјалната листа на GPN веќе го наведува Elvis Todorovski – Istruttore – Croatia, со што неговиот инструкторски статус може и независно да се потврди.

Од Битола, преку Велика Горица, до Неапол, приказна во која љубовта кон пицата прераснува во професија, признанија и можност знаењето да се пренесува на нови генерации.

Babam Bitola

Comments are closed.