БИТОЛЧАНЕЦОТ ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ ГО РЕЖИРА ГОЛЕМИОТ СПЕКТАКЛ „СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН“ ВО ОХРИД

од August 8, 2026 0 коментари

Познатиот битолски режисер Дејан Пројковски стои зад режијата на големиот музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“, создаден по повод 35 години независност на Македонија, кој своето патување низ земјава го започнува утре, 9 август, од Охрид.

Стадионот „Билјанини Извори“ ќе биде првата сцена на проектот, во кој Игор Џамбазов, заедно со повеќе од 30 македонски изведувачи, преку музика, театар, поезија, танц и современ визуелен израз ќе ја раскаже приказната за Македонија.

Во центарот на спектаклот, режиран од Пројковски, е Игор Џамбазов како главен лик, домаќин и раскажувач кој ќе ја води публиката низ различните времиња и генерации.

На сцената ќе настапат Тамара Тодевска, Пере Нокаут, Игор Дурловски, Пеце Суперхикс, Бојана Скендеровски, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска, Елена Ристевска, Ана Дурловска, Димитар Андоновски, Миле Кузмановски, Таско, Next Time, Тони Зен и голем број други македонски изведувачи.

„Силно светнал ден“ не е замислен како класична прослава на јубилејот, туку како сценско патување низ 35 години независност – низ музиката, литературата, успесите, загубите, пресвртите и генерациите кои ја создаваа и ја создаваат Македонија.

Програмата на стадионот „Билјанини Извори“ започнува во 19:30 часот со DJ сет, додека спектаклот започнува во 20:30 часот.

Влезот е слободен.

Охрид е првата од 11-те станици на „Силно светнал ден“, а големата завршница е најавена за 4 септември во Скопје.

Единаесет градови. Триесет и пет години. Една приказна што сè уште ја пишуваме.

Babam Bitola

Comments are closed.