Битолчанецот Дарко Спировски оствари значаен меѓународен успех, освојувајќи трето место на Отвореното првенство на Србија во пара атлетика „Србија Опен 2026“, кое од 8 до 10 мај се одржа во Крушевац, Србија.

Спировски, кој е вработен во ЈП Паркинзи, настапи во класата Ф44 како дел од репрезентацијата на Параолимпискиот комитет на Северна Македонија, освои бронзен медал во дисциплината фрлање копје со резултат од 23,04 метри. Покрај тоа, тој се натпреваруваше и во фрлање ѓуле, каде го освои петтото место со 7,33 метри, како и во фрлање диск, каде заврши на шестата позиција со резултат од 20,72 метри.
На престижниот меѓународен митинг настапија пара атлетичари од седум држави: Србија, Северна Македонија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Покрај успехот на Спировски, македонската репрезентација освои уште едно трето место преку Златко Арсовски од Делчево во дисциплината копје, додека останатите македонски натпреварувачи забележаа солидни настапи и пласмани.

Репрезентацијата ја предводеше селекторот Крсто Серафимовски, а дел од тимот беа и Никола Пеев, Елена Давитковска, тим лидерот Бранимир Јовановски и асистентот Драган Дојчиноски.

Средствата за учество на натпреварот беа обезбедени од Министерството за спорт и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Битола повторно има причина за спортска гордост, името на Дарко Спировски се најде меѓу најдобрите на меѓународната пара атлетска сцена.
