Битолскиот диригент Владимир Димовски ќе гостува во Ниш, каде ќе застане зад диригентската палка на Нишкиот камерен оркестар. Концертот е посветен на творештвото на еден од најзначајните композитори на барокот, Антонио Вивалди, со изведба на неговото антологиско дело „Четирите годишни времиња“.

Димовски е основач на НУ Камерен оркестар – Битола, каде во моментов е вработен како виолист, а повремено настапува и како диригент. Во изминатите години стои зад бројни концерти, музички проекти и успешни гостувања, како во земјата, така и надвор од неа, со што континуирано го афирмира битолското музичко творештво.

Покрај институционалната работа, Владимир Димовски е и уметнички водач на Оркестар ДИВА , ансамбл кој произлезе од Битолскиот камерен оркестар и кој тој го води веќе 13 години. Денес, Оркестар ДИВА функционира како независен ансамбл со современ концепт и репертоар, насочен кон кросовер, популарни и иновативни музички проекти.

По професија виолист, а по страст диригент, Димовски својата диригентска практика ја гради преку повеќе од 25 години искуство во професионални оркестри и постојана посветеност на оркестарската музика.

Гостувањето во Ниш претставува уште една значајна регионална соработка и потврда за активната уметничка размена меѓу музичарите од регионот, како и уште еден успешен исчекор на битолски уметник на меѓународната сцена.