Нов голем спортски момент за Битола! Нашиот млад и талентиран боксер Арабел Рустемовски обезбеди бронзен медал на Европското јуниорско првенство во Нови Пазар, Србија, и со тоа го испиша едно од најзначајните достигнувања за битолскиот бокс во последните години.

Рустемовски, кој настапува во категорија до 57 килограми, вечерва ја извојува својата трета победа на првенството, совладувајќи го претставникот на Ерменија со одличен технички настап. Со оваа победа тој не само што си обезбеди пласман во полуфиналето, туку и сигурен бронзен медал за Македонија – медал кој со посебна гордост го носи името на Битола!

Во полуфиналната борба, Арабел ќе се соочи со силен противник од Украина, но со досегашните борби покажа дека не познава страв и оти има срце и сила за уште поголеми подвизи.

Ова е доказ дека Битола има спортски бисери кои со труд, посветеност и поддршка можат да се искачат на европскиот врв. Арабел, цела Битола е со тебе! Продолжи да пишуваш историја!