Членот на Боксерскиот клуб „Пелистерски Јунак“ – Битола, Арабел Рустемовски, оствари извонреден успех на меѓународниот боксерски турнир „Лига на Олимписки Надежи“, кој се одржа во Суботица, Република Србија.

На турнирот настапија боксери од повеќе држави, меѓу кои Србија, Македонија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија и Бугарија, што настанот го прави еден од поквалитетните регионални боксерски собири.

Рустемовски настапи во јуниорска конкуренција до 57 килограми, каде забележа две импресивни победи. Во полуфиналниот меч, Арабел го совлада боксерот од Босна и Херцеговина, Стефан Калабиќ, по предавање од страна на тренерот уште во првата рунда.

Во финалето, битолчанецот ги одмери силите со словенечкиот репрезентативец Ахмедин Бахтиар, носител на бронзен медал од Европското првенство во 2025 година. И покрај силниот противник, Арабел Рустемовски прикажа одлична форма и тактичка зрелост, победувајќи убедливо со 5:0 на поени.

Со овој настап, Арабел Рустемовски уште еднаш потврди дека Битола има млади и перспективни спортски таленти, а БК „Пелистерски Јунак“ продолжува да гради успешна боксерска приказна на меѓународната сцена.