Битола со гордост може да се пофали со уште еден спортски успех – битолскиот мотокросист Антонио Дамјановски го освои првото место на првата трка од Македонскиот шампионат во мотокрос, која се одржа викендов во Орман, Скопје во рамки на новата натпреварувачка сезона.

Дамјановски настапи во класата МХ2, каде со исклучителна техника, издржливост и фокус ја избори победата и постави висок стандард за остатокот од сезоната.

„Оваа победа ми значи многу – таа е резултат на месеци напорна подготовка и поддршката што ја добивам од моето семејство, тимот и сите кои веруваат во мене. Им благодарам од срце,“ – изјави Антонио по трката.

Првата трка од шампионатот ја означува стартната линија на нова возбудлива мотокрос сезона, во која Дамјановски влегува со големи амбиции.

Публиката со нетрпение ќе ги следи неговите настапи во претстојните трки, со надеж за уште многу спортски достигнувања и трофеи за Битола.