Битолската чаршија е полна со куриозитети. Еден од нив нашол одраз во битолските гробишта, во споменикот на чадорџијата Тирчо. Овој сеуште жив човек полни 13 години на гробиштата каде има свој споменик направен од уметникот Грабуловски.
Тирчо „Малиот“ деновиве го најдов во неговото дуќанче во чаршијата во кое се влегува низ прозорец. И покрај неговите 90 години тој добро се држи и работи. Еден занаетчија што помина покрај дуќанот му потфрли: Ајде Тирчо, кога ќе ти ја каснам од пченицата!
-Да ти го дадам гробот под кирија му одговори Тирчо смеејки се со безабата уста.
Го запрашав Тирчо зошто го направи својот надгробен споменик:
-За мене никој никогаш не зборуваше. Јас бев низок, неугледен, a пари имав, многу пари. Сакав моето име да се споменува, чаршијата да ме збори. Многу ноќи мислев што да направам да го свртат паметот на граѓаните. Конечно смислив. Реков ќе направам гроб и споменик додека сум жив. Toа и го сторив. Направив спoменик каков што по убавина нема на битолските гробишта. И еве 13 години гробот no чека, но мене се уште не ми се умира.
Седнат со едната нога во дуќанчето, а со другата во чаршијата тој расправаше за животот кој го служи веќе 90 години.
Јас сум од тие луѓе вели што никогаш не паѓаат. Почнав како овчарче, чирак, калфа, и станав богат дуќанџија. Дури и војник не отидов, платив 50 лири и ме ослободија. Разговорот пак се сврти за гробот.
Навистина, рече Тирчо некако не ми се умира. Никогаш до сега не сум бил болен и ми се чини дека ќе надживеам 100 години. Единствена скромна желба ми е да поиграм на свадбата од најстарата внука која живее во Белград. За тоа ќе ми требаат уште неколку години, рече на крајот…
Д. Димитровски Такец Нова Македонија 1956 г.
Навистина на почетокот од битолските гробишта во св.Недела неговиот споменик е со импозантна големина и убавина. И покрај 70 години од неговото поставување сеуште го има задржано својот оригинален изглед и форма. Има мала нејаснотија околу стариот текст во Нова Македонија и годините на неговиот гроб. Но сепак нека остане така како што е и нека биде честита неговата сегашна фамилија, кои го имаат како нивни предец битолскиот еснафџија и занаетчија Сотир Петров Тирчу…