ДРЖАВНО ГРАФИЧКО ИНДУСТРИСКО ПРЕТПРИЈАТИЕ „КИРО ДИМИТРОВСКИ ДАНДАРО” 



Во 1946 год., согласно законските прописи, дојде до издвојување на поголемите графички организации и нивно преминување во индустриски претпријатија, така битолската државна печатница, во Февруари 1946 год. стана Индустриско претпријатие со фирма ДРЖАВНО ГРАФИЧКО ИНДУСТРИСКО ПРЕТПРИЈАТИЕ „КИРО ДИМИТРОВСКИ ДАНДАРО”. 

Првоборецот Киро Дандаро

Со претпријатието уште извесен период раководи Борис Димитровски, потоа Атанас Андреевски, а потоа за директор бил поставен Борис Алтипармаковски. Тогаш во печатницата работеле вкупно 26 работници, дел од нив се администрацијата а непосредните производители се распределени во одделенија, што значи повисока организација на трудот.
Формирани беа три одделенија: Слагачница шеф Јорго Пиника, Машинско Одделение шеф Јорго Харт и Книговезница Јоле Кузмановски.
Работните простории биле несоодветни, што ја отежнало работата на претпријатието. Поради тоа се правеле напори да се обезбеди посоодветен простор. Тоа се овозможило со преселувањето во просториите на некогашната Француско-српска банка, денешната зграда на Стопанска банка до Саат Кулата. Со тоа се создадоа подобри услови за работа, особено за работата на одделенијата. Во оваа зграда беше сместена слагачницата и машинското одделение а во соседната зграда Книговезницата. Според сеќавањата од повеќе тогашни графички работници, се гледа дека опременоста на печатницата била скромна. На пример, од поранешната печатница „Бугарско дело” имале: еден флах А4 и една заклопна машина и друга застарена опрема. Исто така имало тешкотии поради немање на хартија, како и недостиг нa букви. Графичарот Христо Спасевски се сеќава: „Во тоа време имавме тешкотии со хартија. Плакати печатевме на книга за ќесиња, а обрасци моравме да печатиме на задната страна на запленетите мапи што ги најдовме во салата на Занаетчиската комора”.

Борис Николовски прима признание

Како се решавал проблемот со недостаток на буквите се сеќава Паца Мискарова. Таа вели: . „Кога ни беше шеф Харт, бидејќи немавме букви зa плакати сечевме букви од хартија, ги мачкавме со боја и ги лепевме на лист. Така правевме плакати. Харт беше вистински мајстор за такви работи. Плакатите личеа како да се печатени. Не учеше маката”. Во своите секавања „Тешки години” Борис Алтипармаковски вели: „1946 год. ме викнаа во Комитетот. Таму се одеше многу тешко или за многу добро или за лошо. Ми рекоа дека решија да ме пратат за директор во „Киро Димитровски Дандаро”. Се заблагодарив на честа и изборот ама и им реков: Никојпат не сум бил во една таква средина. Ми рекоа: Тоа не е важно, затоа што ние знаеме дека сте вие извонреден организатор, упорен во работата, и знаеме ако вие одите таму, работите ќе тргнат на арно.

Така отидов во Печатницата, каде веднаш се фатив за глава, бидејќи истата беше во многу тешка состојба и беше готова да се стави катанецот на врата. Тогаш не беше како сега, кога луѓето просто диктираат услови и бараат однапред да ја знаат својата плата, бараат конфорен стан и жената да им се стави на работа. Ќе ти речеа: Тоа е налог на Партијата, и на тоа се завршуваше се. Така станав директор во Печатницата „Киро Дандаро”. Пред мене беше директор Танасаќи. Беше добар човек ама тешко можеше да раководи со таков специфичен колектив. Беше од струката ама не можеше да раководи. Кога дојдов јас на работа печатницата се бореше со еден огромен проблем, затоа што немаше ни хартија ни картон и „нарјадот” од хартија што доаѓаше во Македонија целокупно го присвојуваше Печатницата „Гоце Делчев” од Скопје. Прво што направив седнав и отчукав писмо до ЦК на Партијата. Им ја изнесов целата ситуација во Печатницата и ги замолив, ако не се сака да престанеме со работа, дел од таа хартија да ни испраќаат и нам. За среќа, мојата жалба падна во добри раце и благодарение на Лазо Мојсов, започнавме редовно да ја добиваме хартијата и картонот. Можам, така, да речам дека Печатницата се спаси од најголемата катастрофа.”

Паралелно со работата на државната печатница, уште извесен период по ослободувањето односно до 1948 година работеле и пет приватни печатници и тоа: „Браќа Пили” (крај Дрвен Пазар) на браќата Владимир и Петар Димови, (до „Интифа” сега „Хемиско чистење); печатницата на Васил Стојановски (кај Пајтонџиите); „Просвета” на Илија Иванов (кај хотел Македонија”); и печатницата „Свети Сава” на Танасаќи (до Стопанската банка кај Саатот).
Сите овие својата приватна дејност ја изведувале се до 1948 год. Меѓу себе имале распределба на работата и секој го работел своето. Земале и заеднички работи. Сите нив за свои потреби ги користеше и државата.
„Работевме многу примитивно, со конфискуван материјал од приватниците. Се беше рачно, раскажува за работата на печатницата во нејзиниот прв период графичарот Кочо Николовски, и продолжува: „Работевме обрасци, плакати, реклами, еднаш неделно го вадевме весникот „Братство” (кој излегуваше 1946 и 1947 год.). Шпалтите-рачно, од понеделник до петок, во петок прелом, во сабота печатење. Во понеделник се растураше и наново се редеше новиот број.”
И графичарот Д. Горѓиевски потврдува дека во тоа време се работело исклучиво со рачен слог.
И во Книговезницата ножевите, хефталиците се користеле рачно или ножно. „Во Книговезницата тогаш немавме ништо, вели Паца Мискарова. Кочани правевме со шило и рачно ги составувавме. Ни во другите одделенија не беше поарно. Така, тиглите работеа на ножен погон, ножевите за сечење со рака. Кога им ги зедоа машините на приватните, дури тогаш добивме машини. Еден од тиглите го направивме штанцмашина”. Ова се потврдува и од искажувањето

на Славко Цветановски: „Дотогаш, вели тој, работевме со алати на рачен и ножен погон. Со идењето на машини на електричен погон работите наеднаш се сменија на добро” Дури во 1949 год. биле купени мотори за машините на електричен погон. Тогаш тие биле монтирани со што машините се автоматизирале. Значаен чекор напред во однос нa техничкото опремување на трудот бил направен во 1948 год. Тогаш била спроведена национализација на приватните печатници, со што сета нивна опрема им била одземена но заедно со вработените. Единствено само приватната книговезница и картонажа „Полет“ на Трајко Цветановски доброволно и договорно се приклучила кон печатницата „Киро Дандаро”. Треба да се истакне дека сета национализирана опрема од приватните печатници не била ставена на располагање на печатницата „Киро Дандаро”, туку дел од неа државата распоредила на печатници во други градови. Според С. Илиевски, А. Горгиевски и Д. Ѓоргиевски, еден флах и еден тигел од печатницата на В. Стојановски „Просвета“ биле однесени во Тетово. Исто така флахот и два тигли биле однесени во Тетово или Скопје, а некои машини биле однесени во Велес. Најубавите машини од печатниците на Илија Иванов и „Браќата Пили” и биле дадени на печатницата „Киро Дандаро”. Во Битола била донесена и една poтомашина „маринони“ од печатницата „Нова Македонија” од Скопје. Бидејќи за оваа машина недостигале делови, таа не била ни употребена…(продолжува)

 

 

Голема почит и благодарност за материјалите кон директорот на АД Киро Дандаро дипл.ек. Драги Милошевски