Битолските чупиња Стефанија и Андреа се светски вицешампионки во куглање!

од May 28, 2026 0 коментари

Ново големо спортско достигнување за Битола и македонското куглање пристигнува од Светското првенство во Австрија. Битолските кугларки Стефанија Алексовска и Андреа Велјановска освоија сребрен медал во дисциплината тандем жени, потврдувајќи дека македонското куглање има иднина и квалитет за највисок дострел.

По историскиот успех, селекторот, тренер и член на управата на Кугларската федерација на Македонија, Игор Михајловски, не ја криеше гордоста за постигнатиот резултат.

„Повторно сребрени медали од Светското првенство во Австрија, овој пат во дисциплината тандем жени. Што би рекле кошаркарите – луѓе, што направивме. Битолските чупиња денес се надминаа самите и изиграа врвно во клучните моменти, со исклучителна ментална моќ да одолеат на притисокот, токму она што ни недостигаше минатите години“, истакна Михајловски.

Патот до финалето бил исклучително тежок, а македонските претставнички успеале да ги совладаат најдобрите кугларки од Хрватска и Полска во втората фаза, Чешка во четвртфиналето и Романија во полуфиналето, што дополнително ја нагласува тежината на освоениот медал.

Во големото финале против селекцијата на Словачка, битолските кугларки не успеале да стигнат до највисокото место на пиедесталот, но освоеното светско сребро веќе претставува историски успех за македонското куглање.

„Не само што сум горд, туку дефинитивно со овој спортски подвиг напишавме историја“, порача Михајловски, додавајќи дека Светското првенство сè уште не е завршено и дека македонската експедиција продолжува со настапите и во наредните денови.

Битола повторно покажа дека има спортски шампионки кои знаат како достоинствено да ја претставуваат Македонија на светската сцена.

Babam Bitola

Comments are closed.