Натпреварите во пинг-понг во Македонија се во полн ек, а битолските пингпонгари и пингпонгарки покажаа дека се меѓу најдобрите млади надежи во државата.
Изминатите два викенда во Берово се одржаа натпреварите од Јуниорските лиги за машка и женска конкуренција, каде што учествуваа најдобрите клубови од целата земја.

Во машката лига, битолскиот состав во кој настапија Дарко Китановски, Кристијан Митев и Андреј Бејковски, го заврши есенскиот дел на второто место од вкупно 11 екипи, со 9 победи и само еден пораз – и тоа од домаќините ППК „Зегин“ Берово со резултат 3:1.
Во женската конкуренција, битолските пингпонгарки исто така блеснаа, освојувајќи второ место од 7 екипи, со 5 победи и еден пораз, повторно од тимот на домаќините од Берово.
За женската екипа настапија Натали Бејковска, Калина Митева и Ива Трајковски, кои покажаа голема борбеност и дисциплина на масата.

Со овие резултати, младите битолски пингпонгари уште еднаш потврдија дека Битола е град со спортски дух и таленти кои ветуваат светла иднина за македонскиот пинг-понг.





