Од „Славејче“, „Гулаби бели“, па сè до „Добар стар блуз“
„Сега е млада, убава девојка, а беше дете кога за неа првпат слушнавме. Децата и денес кога си играат ја пеат песната од „Златно Славејче“ – „Еј гулаби бели“. Тоа беше само почеток, убав и полн со надеж дека кога ќе порасне ќе биде големо име на македонската музичка сцена.

Желбите се исполнија. Билјана порасна, стана девојка, шансата ѝ беше пружена, а таа ја искористи онака како што најдобро знаеше и умееше.
На „Деновите на македонската забавна музика“ името на Билјана Дамјановска блесна со сета своја светлина. Нејзината интерпретација беше вистинско откритие на вечерта, а критичарите ѝ предвидуваа блескава иднина, под еден единствен услов, успешно да ја заврши гимназијата и студиозно да ѝ се посвети на музиката.

Сега, нејзините сограѓани, битолчани, со гордост велат дека не само Сашка, Славе и Сефедин, туку и тие ја имаат својата Билјана.
„Можеби Новата 1980 година нема да биде нејзина, но наредните – секако: да!“
Еден пожолтен новинарски исечок, едно време кога Битола создаваше музички ѕвезди и знаеше да ги препознае талентите уште од нивните први чекори на сцената.
