Битолските кикбоксери со медали и финалиња на интернационален турнир во Вараждин

од May 2, 2026 0 коментари

Кикбокс клубот „Енерџи“ од Битола продолжува да реди успеси на меѓународната сцена, потврдувајќи дека градот под Пелистер има сериозни млади борци со потенцијал.

На интернационалниот турнир што се одржува во Вараждин, Хрватска, својот прв настап во ринг го забележа Леонид Наумов, кој успеа да освои бронзен медал во категоријата YJ LK до 63.5 килограми. Во борбата за финале се соочи со прворангираниот борец на светската листа во оваа категорија и возраст, што само ја потврдува тежината на неговиот успех.

Одлични вести пристигнуваат и од вториот натпреварувач. Петар Лозановски во категоријата YJ LK до 60 килограми обезбеди пласман во финале, откако во полуфиналето славеше на поени против противник од Италија. Во финалето ќе се соочи со натпреварувач од Грција.

Покрај настапите во ринг, клубот ќе има свои претставници и на татами. Во дисциплината киклајт ќе настапат Маригoна Зенуни и Димитар Димевски, кои исто така ќе ги бранат боите на битолскиот клуб.

Настапите на младите спортисти се реализираат со поддршка од спонзорите: Бимилк, Изворска, Руд Коп, Портал и Плодност.

КБК „Енерџи“ уште еднаш покажува дека Битола има генерација која допрва ќе се докажува на европската и светската сцена.

Babam Bitola

Comments are closed.