Битолскиот музеј дел од европска мрежа за дигитална трансформација во музејската едукација

од April 3, 2026 0 коментари

НУ Завод и музеј – Битола продолжува да се позиционира како активен и современ учесник во европските културни текови, преку учество во значајни меѓународни иницијативи и стручни мрежи.

Минатата седмица, во Братислава, Словачка, се одржа студиска посета на тема „Дигитален развој во музејската едукација“, во организација на NEMO – Мрежата на музејски организации од Европа. На настанот учествуваа дваесет членови на работната група LEM, меѓу кои и претставници од НУ Завод и музеј – Битола.

Македонските претставници, директорката Маргарета Спасов и Д-р Ирена Ружин, член на NEMO LEM групата, активно се вклучија во програмата, презентирајќи ги искуствата и достигнувањата на битолската институција во областа на дигиталната едукација и инклузијата. Особено внимание привлече презентацијата на анимираните видеа „Филип и Ана во музеј“, кои се наменети за деца со и без попреченост, како пример за современ и инклузивен пристап во музејската работа.

Домаќин на студиската посета беше Градскиот музеј на Братислава, каде учесниците имаа можност да се запознаат со новите дигитални алатки и нивната примена во подобрување на пристапноста и интеракцијата со публиката. Програмата вклучуваше и посети на повеќе значајни културни институции, меѓу кои Градската галерија на Братислава, Словачкиот национален музеј, историски музеј во замокот Братислава, како и Музејот за образование и педагогија.

Во рамките на работилниците и отворените сесии беа презентирани успешни европски практики, при што учесниците од Германија, Холандија, Италија, Ирска, Естонија, Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија и други земји разменуваа искуства и идеи за идниот развој на музејската едукација.

Со своето активно учество, НУ Завод и музеј – Битола уште еднаш ја потврди својата улога како институција која чекори во чекор со современите европски трендови, вложувајќи во дигитални решенија, пристапност и инклузија, и градејќи мостови на соработка со водечките музејски организации во Европа.

Babam Bitola

Comments are closed.