Често ја доживуваме Хераклеа како сведоштво за трајната убавина – нејзините мозаици, создадени од старите мајстори, се синтеза на боја, хармонија, дух и истрајност. Делo кое ја победи сета суровост на времето и ги задржа вредносните стандарди живи низ вековите.
Токму таков впечаток буди и новата книга на Марјан Танушевски – „Битолски Хорологион II“. Ткаена од внимателно избрани теми, текстовите се вистински мозаик од зборови, наративи, духовност и емоција. Избалансирани, повеќеслојни и преполни со универзални вредности, тие создаваат едно живо културно сведоштво.
Танушевски не води низ времето и просторот – од Пелистер стар 486 години, до мигот во кој градскиот часовник го мери духот на еден народ. Од 120 видови пеперутки до 116 видови птици – природа, култура и историја споени во една нежна, но моќна целина.
Од музејските хоризонти до школските ходници во кои се зборува на осум јазици. Од амамите и фреските до авионите што не летаат, но инспирираат. Од шеќерната јаболка на средсело до шампањот на врвот на Пелистер.
Во овој текстуален мозаик, Битола не е само град – таа е вечна инспирација. А човекот, како што го прикажува Танушевски, е поставен во центарот на сето тоа – како чувар и сведок на минатото, како градител на иднината.
Голема благодарност до авторот за ова безвременско дело.
м-р Валентин Соклевски