Последниве денови, Битолскиот Камерен Оркестар е мета на ширење на дезинформации во јавноста, насочени кон дискредитирање на долгогодишната работа на овој ансамбл. Иако досега не реагираа на вакви обвинувања, од оркестарот истакнуваат дека поради континуираното ширење невистини и обидите да се наруши угледот, се одлучиле да дадат официјално разјаснување.
Во изминатиот период, оркестарот работи на промена и ребрендирање на своето име, со цел да се направи јасна разлика помеѓу приватниот Битолски Камерен Оркестар и Националната Установа „НУ Камерен Оркестар на Битола“, која негува класична музика и има редовна програма и концерти во Офицерскиот дом. Целта на оваа промена е да се избегнат забуни кај публиката дека приватните проекти се финансирани од Министерството за култура или државата, особено кога се наплаќаат влезници.
Името „Битолски Камерен Оркестар“ приватниот ансамбл го користи со дозвола на проф. Зоран Маневски, првиот иницијатор за неговото возобновување, кој воедно го поддржуваше растот на оркестарот во еден од најпрепознатливите музички состави во земјата. Оркестарот е претставуван од Здружението за афирмација на музичката уметност „Мјузик Арт“, кое со својата работа придонесе за конечно формирање на Националната Установа – идеја стара повеќе од половина век.
Во Националната Установа денес се вработени музичари кои долги години се бореа за нејзиното основање. Од здружението истакнуваат дека тие и понатаму ја отстапуваат својата техничка опрема за потребите на институцијата без надоместок, додека самите не користат никакви бенефиции од неа.
„Мјузик Арт“ нагласува дека во изминатата година и повеќе не добиле финансиска поддршка од Министерството за култура. Концертите се реализираат исклучиво со средства од продажба на билети, спонзори и поддршка од Општина Битола. Секој проект финансиран од државата носи официјално лого на Министерството за култура, кое нивните плакати го немаат.
Додека Националната Установа е насочена кон класичната музика, Битолскиот Камерен Оркестар под водство на „Мјузик Арт“ изведува и популарни програми, со што се приближува до пошироката публика и ја збогатува културната сцена.
Од оркестарот велат дека се горди на својата публика, како во Битола, така и низ цела Македонија, и дека наскоро ќе го објават новото име со кое ќе продолжат да ја градат својата музичка приказна.
„Додека постоиме, ќе ви ги полниме срцата – затоа што само поради вас постоиме. Се надеваме дека ќе научиме да го цениме она што го имаме пред да го изгубиме,“ порачуваат од оркестарот.





