Старата битолска чаршија деновиве ќе биде центар на музиката, традицијата и боемскиот дух, во рамки на „Битолските чалгиски денови“.

Манифестацијата ќе донесе десетина чалгиски оркестри, седум пајтони со музичари и околу 100 учесници во староградски носии, со цел да се долови атмосферата на некогашна Битола и нејзината богата чалгиска традиција.
Програмата започнува во петок, 14 август, во 11:00 часот во Офицерскиот дом со семинар за канон-чалгиска музика под менторство на Филип Михајловски.
Во 18:00 часот ќе започне пајтонското дефиле од Офицерскиот дом, по Широк Сокак, кон Старата чаршија.
Вечерната програма на „Монмартр“ започнува во 20:30 часот со „Чапче и Тајфата“, во 21:30 настапува Филип Шурбевски со „Езгија квартет“, а од 22:30 часот следуваат „Мерак Чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
Програмата продолжува во сабота, 15 август, со настап на „Чапче и Тајфата“ од 20:30 часот, а од 22:00 часот ќе настапат „Љубојна“ и Битолскиот чалгиски оркестар.

Со музика, пајтони, староградски носии и амбиентот на Старата чаршија, организаторите најавуваат оживување на дел од некогашниот градски и боемски живот по кој Битола била препознатлива.
