“Никогаш не носам штикли во Битола, секогаш сум во патики или рамни чевли, затоа што Битола ја сметам за мое место за одмор” ни раскажа поп – ѕвездата Каролина Гочева. Битолчанката која веќе подолго време живее во Скопје, и со гордост ни ја откри и старата битолска традиција: нови чевли за Велигден. Некои од старите битолчани кои сеуште се држат до традицијата, и денес ја негуваа оваа навика. На корзо на денот на Велигден ги шетаат новите чевли.
Прошетката низ Битола со Каролина тргна од Широк сокак, па продолжи накај црквата “Свети Димитрија” главното собиралиште за Велигден. Додека ги гледаше младите двојки како се бакнуваат во паркот кај Саат кулата, Каролина се присети дека меѓудругите, и нејзиниот прв бакнеж се случил во малото паркче. Потоа не однесе Горната гимназија, како сеќавање на средношколските денови. За време на прошетката, друштво ни правеше и Зорица, најдобрата другарка на Каролина од детството, која вели дека Велигден во Битола се слави повеќе од Нова година.
“Да се купат нови чевли за Велигден е некоја стара традиција. Произлегува од тоа што битолчани од секогаш важеле за луѓе кои внимаваат како изгледаат, особено кога треба да поминат по Широк сокак, затоа што тогаш сите ги гледаат и коментираат. особено се внимавало на Велигден, кога буквално сите се излезени и шетаат по главната улица. Се сеќавам дека кога бев дете, со сестра ми секоја година добивавме по нешто ново за велигденските празници. Обично тоа беа нови чевли и се разбира пред велигденскиот ручек не шетаа по Широк сокак. Како што поминуваат годините, се помалку сум обрнувала внимание на таа традиција, па не се сеќавам дека некогаш сум купила чевли или кое било парче облека специјално за празникот. Така ни оваа година не си купив ништо специјално за дефиле на Широк сокак”, ни раскажа Каролина додека шетавме низ главната битолска улица. “Таа не се чувствува како ѕвезда овде”, открива другарка и Зорица. “За да се сликаат со неа и приоѓаат деца и тинејџери, но со оние од нашата генерација, со сите се знаеме цел живот, сме излегувале заедно”. Поп – ѕвездата со нетрпение го очекува и овој Велигден во Битола, особено целодневната забава низ кафулињата која почнува на пладне, а трае до рано наутро другиот ден.
“Кога бевме во средно, едвај чекавме да дојде Велигден, затоа што тогаш имавме продолжен излез вечерта до подоцна, па тоа беше празник плус за нас. Денеска журка во сабота пред Велигден е секогаш најинтересна. Сите кафулиња се полни, има забава преку целиот ден, а продолжува по полноќ до рано наутро. Пред полноќ, реки народ се слеваат покрај црквата Свети Димитрија, но и блиската улица е полна со луѓе со свеќи в раце. На тој ден сите се некако поопуштени, порасположени нешто како предновогодишните забави во Скопје”. раскажува Каролина. Кога и фали Битола, се случува да запали автомобил, да оди на ручек кај мајка и и да се врати истиот ден. “Кога сум тука обично не излегувам многу, туку се дружам со моите блиски во домашна атмосфера. Често правиме женски седенки кај другарка ми Зорица па се нервирам кога некои мои сограѓани ќе прокоментираат дека ретко одам. Значи, не одам во Битола за да ми удрат рецка на Широк сокак, туку за да ги видам моите. Не можам да се сетам дека сум пропуштила ниту еден Велигден во Битола, и тоа е како еден повод да се собереме сите на едно место, бидејќи за нашето семејство тое се ретки и скапоцени моменти. Никогаш не сум прифаќала ангажмани за овој празник”, вели Каролина.
Шетајќи од црквата “Свети Димитрија” накај малото паркче кај Саат кулата, таа се сеќава дека повеќето први бакнежи се случиле во тоа паркче, па така и нејзиниот. Името на дечкото не сакаше да го открие, но памети дека бил една година постар од неа. “Интересно е што паркот се уште е место за состанување на љубовни двојки. Еве имаме доказ на самото место”, со насмевка ни раскажа пејачката. Другарка и Зорица ни предложи на фотографијата да не се гледаат лицата на момчето и девојката што позираат. “Што ако девојкава не ја знае татко и”, вели Зорица на битолски дијалект.
Гледајќи ги дотераните девојки на високи потпетици околу нас, приказната повторно не навраќа на традицијата на битолчанки, секогаш да се на штикли на Корзо. Секое лето на Широк сокак се организира трка на штикли. Каролина вели дека минатиот месец настапувала на една манифестација во Битола, па облекла штикли. Кога ја видела другарка и се изненадила па и делела комплименти за изгледот, затоа што не е навикната да ја гледа на високо. “Кога е дотерувањето во прашање, не сум типична битолчанка, и не сум фан ни на штикли ни на тешка шминка, но специјално за вас понесов и облеков штикли на Широк сокак, во чест на традицијата и стереотипот за битолчанки” вели Каролина. На нашата домаќинка и беше жал што не може да не прошета до нејзиното омилено место од детството, Зоолошката градина.
“Кога бев дете татко ми секоја недела не носеше во Зоолошка. Тоа ни беше неделен ритуал. Зимно време за викенд одевме на скијање на Пелистер, за време на распуст и секој ден, но ниту тоа за жал, не е дел од начините на забава на сегашните деца. Шетајќи покрај гимназијата со носталгија ни ја покажува нејзината училница и ни откри дека била одлична ученичка. “Учев доволно а најмногу го учев она што ме интересираше и бев одлична ученичка. Повремено бегав од часови, обично во пролет, кога беше убаво времето. Тогаш до мојата гимназија имаше и едно место, сендвичарница каде што сите се собиравме за време на одморите. Не знам како точно се викаше но ние ја викавме “Пич Пит”, според ресторанот во тогаш популарната серија “Беверли Хилс”.
Извадок од интервју на Каролина Гочева за екипата на Вест www.vest.com.mk во 2011 година…
Фото непознат извор