По повод 8 Септември – Денот на независноста, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола одбележува 35 години од прогласувањето на независноста на Македонија со тематска изложба посветена на еден од најзначајните периоди од современата македонска историја.

Преку книги, весници и други пишани сведоштва, поставката прикажува дел од настаните и процесите што го одбележаа патот на Македонија во изминатите три и пол децении – од историските и политичките моменти, до културниот и општествениот развој на државата.
Од Библиотеката посочуваат дека изложбата не претставува само навраќање кон минатото, туку и можност тоа повторно да се прочита и согледа од денешна перспектива.
8 Септември 1991 година останува еден од клучните датуми во поновата македонска историја, кога граѓаните на референдум се изјаснија за суверена и самостојна Македонија.
Со изложбата, битолската Библиотека потсетува и на значењето на книгата, пишаниот збор и архивската меморија во зачувувањето на историјата за идните генерации.
35 години независност – 35 години македонска државност и приказна која продолжува да се пишува.
