Отворен е нов YouTube канал посветен на златните години на битолската и македонската музика – „Битолски музички незаборав“, кој претставува вистинска дигитална архива на едно време кога песните се создаваа за да траат, а фестивалите беа културен настан.
Каналот ги обединува песните од легендарните фестивали СИ–ДО од периодот 1991 до 1996 година, кога беа создадени и испеани некои од најпознатите детски хитови во Македонија, како што се „Визба стара и гитара“, „Ние сме Македонци“, „Наставничке пријателке“, „Наташа од трето три“, „Баксуз“ и многу други песни кои и денес будат емоции кај повеќе генерации.
Содржината на каналот опфаќа и материјали од проектот „Здраво генијалци“ (1996–2000), проектите на СИ–ДО ФМ од 2001 и 2002 година, како и музичкиот настан „Незаборав“, кој се одржуваше во периодот од 2010 до 2025 година.
Посебен акцент е ставен на битолските музички имиња кои оставија силен печат во историјата на градот и македонската музичка сцена. Каналот е посветен на уметници како Сашка Петковска, Пепи Бафтировски, Јонче Христовски, групата Конзули, но и на многу други музичари кои со своето творештво ја вградија Битола во македонската музичка мапа.
„Битолски музички незаборав“ не е само збирка песни, туку жив документ и музичка меморија на едно време кога песните се слушаа со срце, а фестивалите создаваа спомени што се пренесуваат од генерација на генерација.
YouTube каналот е отворен за сите љубители на македонската музика, како повик за потсетување, споделување и зачувување на музичкото наследство кое не смее да се заборави.
🔗 YouTube канал:
https://www.youtube.com/@bitolskimuzickinezaborav





