Битола повторно се враќа во безгрижните години на детството. На 17 декември со почеток во 20:00 часот во Центарот за култура Битола ќе се одржи концертот „Битола се сеќава – детски хитови од 90-тите“ во изведба на Битолскиот дувачки оркестар.

Настанот е наменет за сите генерации. Тој претставува носталгично патување за оние што растеа во 90-тите, но и можност најмладите да се запознаат со музиката што обележа едно време исполнето со искреност, топлина и радост.

Публиката ќе има можност да ужива во нови аранжмани на култни детски хитови како „Визба стара и гитара“, „Како ли јас да пораснам“, „Софи Софија“, „Боби баш ми е гајле“, како и многу други песни кои оставија силен белег во детството на многу генерации.

Концертната вечер ќе биде дополнително збогатена со настапите на Детскиот хор „Ѕвончиња“, Тинејџерскиот хор „Попрокет“ и Младинскиот мандолински оркестар при КУД „Стив Наумов“.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да ги донесат своите деца, внуци, пријатели и семејства и заедно да ја споделат магијата на детството и музиката која ги поврзува генерациите.

Влезниците се по цена од 300 денари и може да се набават на билетарницата во Центарот за култура Битола од понеделник до сабота во периодот од 16:00 до 21:00 часот.