Со длабока тага, Камерниот оркестар „Дива“ ја прими веста за смртта на професорот Зоран Маневски, истакнат музички деец и еден од иницијаторите за создавањето на Битолскиот камерен оркестар.

Од оркестарот истакнуваат дека Маневски оставил неизбришлива трага во музичкиот живот на Битола, преку својата посветеност, визија и искрена љубов кон уметноста. Неговиот придонес, како и поддршката што несебично ја давал, ќе останат трајно врежани во колективната меморија на музичката сцена во градот.
„Зад себе остави дело, инспирација и обврска да продолжиме да создаваме со истата љубов и посветеност“, наведуваат од Камерниот оркестар „Дива“.
Во знак на почит, оркестарот информира дека вечерашната изведба на нивниот нов проект, мјузиклот, ќе биде посветена токму на професорот Маневски.
Од оркестарот упатуваат последен поздрав до човекот кој, како што велат, живееше за музиката и ја вгради својата душа во развојот на културниот живот во Битола.
Нека почива во мир.
