Автор: Стефан Чекутков

Големиот христијански празник Велики поклади, познат како Прочка, отсекогаш имал посебно место во животот на битолчани. Фотографија стара 101 година сведочи за времето кога празникот во Битола бил вистински карневал исполнет со маски, смеа и народна креативност.

Според сведоштвата, во минатото родителите на овој ден ги облекувале децата во карневалски алишта, а улиците биле исполнети со маскирани граѓани. Децата, младите, но и повозрасните се претворале во различни ликови, маскирајќи се како животински фигури, во стари селски носии или во познати филмски личности од тоа време.

Една од најинтересните приказни е поврзана со Методија Илиќ, тогаш 21-годишен млад битолчанец, кој во 1925 година се маскирал во ликот на легендарниот Чарли Чаплин, во тој период најпопуларната филмска ѕвезда во светот.

Методија Илиќ подоцна станал еден од најпознатите трговци со кожи во градот и пошироко. На задната страна од фотографијата, напишана на српскохрватски јазик, самиот оставил белешка: „Битољ, 01. III.1925 г. Велики успомен од Методије Ѓ. Илиќ, ова слика каже кад је бијо Методије – карневал“.

Фотографијата, датирана на 1 март 1925 година, претставува значаен историски документ од периодот кога тогашниот Манастир, односно Битола, се наоѓал под српска окупација, сведочејќи за духот на времето и за традициите што и покрај историските околности продолжиле да живеат меѓу граѓаните.

За многу години Велики поклади – Прочка, празник на простувањето, помирувањето и продолжувањето на традицијата.