На денешната прес-конференција која се одржа во Центарот за култура, беше најавено 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, кое ќе се одржи од 17 до 23 мај. Фестивалот продолжува да ја афирмира индивидуалната актерска изведба и да го поврзува македонскиот театар со меѓународната сцена.

Во официјалната програма ќе бидат изведени 10 монодрамски претстави од 9 држави: Македонија, Полска, Литванија, Шпанија, Киргистан, Грузија, САД, Романија и Бугарија. Отворањето и затворањето ќе се одржат во Народниот театар Битола, а останатите претстави во салите на Центарот за култура.

На отворањето ќе биде изведена претставата „Д (Како Дездемона)“ во режија и кореографија на Рисима Рисимкин, а фестивалот ќе заврши со монодрамата „Куфер.мк“ на актерката Соња Михајлова, годинашна добитничка на наградата за животно дело од фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Селекторот Благој Мицевски истакна дека интересот за учество секоја година расте, а годинава биле пријавени околу 50 продукции. Во натпреварувачката програма се селектирани 10 претстави, од кои две се македонски.

Во рамките на фестивалот ќе се реализира и богата офф-програма: живи статуи на Широк Сокак, драмска работилница за деца и млади, театарска работилница на американскиот актер Роналд Ранд, промоција на монографијата „Четврт век Интернационален фестивал на монодрама – Битола“, панел-дискусии „Монодрамата како мост меѓу културите“ и „Алма Малер“.

Годинашниот слоган е „Еден збор – еден свет“, а визуелниот идентитет е изработен од дизајнерот Сашо Илковски.

Организатор на фестивалот е НУ Центар за култура – Битола, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Општина Битола и Народниот театар Битола.

Повеќе информации ќе бидат достапни на официјалната страница:
https://www.facebook.com/internationalmonodramafestival

Фото: Diogen Hadzi-Kosta Milevski