Во среда, на 4 март со почеток од 20:45 часот, спортската сала Боро Чурлевски ќе биде центар на европскиот ракомет. Македонскиот шампион РК Еурофарм Пелистер ќе го пречека францускиот гигант ПСЖ во рамки на ЕХФ Лига шампиони

Битола ја очекува вистински ракометен празник, дуел против еден од најмоќните европски состави, тим преполн со светски ѕвезди и репрезентативци. За „зелените“ ова е нова можност за докажување на европската сцена и продолжување на силниот домашен ритам пред својата публика.

Навивачите веќе најавуваат спектакуларна атмосфера, а салата „Боро Чурлевски“ традиционално знае да биде вистинска тврдина кога во неа гостуваат европските великани. Очекувањата се трибините да бидат исполнети до последното место, а Битола повторно да покаже зошто важи за ракометен град.

Европска вечер, силен противник и битолска страст, сите предуслови за уште една незаборавна спортска приказна.