Синоќа битолската Дембел чаршија беше исполнета до последното место, кога љубителите на македонската староградска музика и песните за Битола се собраа на уште една незаборавна вечер . Настанот, кој веќе трета година по ред го враќа духот на старата чаршиска традиција, привлече голем број посетители кои со песни, игра и дружење ја оживеаја вистинската битолска атмосфера.

Публиката со огромен интерес ја прифати програмата и со голема емоција ги пееше старите рефрени кои го слават градот под Пелистер. Чаршијата повторно пулсираше во ритамот на времињата кога токму тие улици биле центар на културниот и општествениот живот.

Организаторите изразија благодарност до сите поддржувачи и учесници, потенцирајќи дека „Дембел Чаршија“ не е само културен настан, туку иницијатива која ја чува живата меморија на Битола и нејзината традиција.

Манифестацијата продолжува и во наредните вечери, со цел уште еднаш да се потврди дека Битола има дух кој не згаснува и чаршија која вреди да се оживува и негува.