Битола повторно го привлекува вниманието надвор од границите на Македонија. Босанскиот туристички портал Putolovac.ba објави текст во кој нашиот град е претставен како еден од највпечатливите историски и културни центри на Балканот, потсетува на Париз и на Виена.

Во објавата се потсетува дека кон крајот на 19 век Битола била вистински дипломатски центар со дури 12 странски конзулати, поради што го добила и препознатливиот епитет – „Градот на конзулите“. Авторите наведуваат дека европскиот дух и денес може да се почувствува во битолските кафулиња, каде времето како да тече побавно.
Посебен акцент е ставен и на музичката традиција на градот. Битола е опишана како „град на клавирите“, во кој во многу домови одекнувале звуците на класичната музика, додека на Широк Сокак се мешале различни јазици, култури и приказни.
Порталот потсетува и на историскиот факт дека во тогашната Воена гимназија во Битола се школувал и Мустафа Кемал Ататурк, идниот основач и прв претседател на современа Турција.
Убаво е кога за Битола се зборува со восхит и почит и надвор од нашата земја. Градот под Пелистер не е само место со богато минато, туку и живо сведоштво за времето кога Европа и Балканот се сретнувале токму на Широк Сокак.
Извор: Putolovac.ba
